Толку од Кубанецот во Автокоманда – Ромеро замина во францускиот Сесон

Македонскиот вицепрвак, кој на почетокот на сезоната се засили со Алехандро Ромеро, одлучи да се раздели со голманот од Куба. Ромеро се врати во Франција и својата кариера ќе ја продолжи во Сесон Рен, клуб кој моментално се наоѓа на 13. позиција во најсилното француско натпреварување.

Ромеро иако беше донесен како големо засилување во тимот на Автокоманда и беше втор странец, по искусниот Арно Бинго, сепак, не успеа да ги задоволи критериумите на раководството на „сино-белите“.

Во конкуренција на искусниот Благојче Трајкоски и младиот Иван Галевски, Кубанецот немаше голема минутажа.

Сепак добро упатените со случувањата во Автокоманда тврдат дека просечните партии на Ромеро не се пречка за прекинот на соработката, туку конфликтот со тренерот Кирил Лазаров. Дел од ракометарите ги потврдија недоразбирањата меѓу Ромеро и Лазаров, а чуварот на мрежата во тоа време имаше и операција на слепо црево, која исто така го оддалечи од ракометните терени.