Еден од најдобрите стрелци во историјата на Лигата на шампионите, легендата на Вардар – Тимур Дибиров, можел да ја продолжи кариерата во САД, но легендарниот руски ракометар одлучил дефинитивно да остане во пензија.
Ова го потврди неговата сопруга, Ирина Дибирова, актуелен тренер на Ростов Дон, која во интервју за рускиот „Брз Центар“ откри дека Дибиров добил неколку понуди по завршувањето на кариерата, меѓу кои и од амбициозниот американски клуб Лос Анџелес.
„Да, тој доби покана не само од Лос Анџелес. Тимур ја заврши кариерата, иако сè уште имаше сила да игра. Но, животот далеку од семејството е тежок и затоа не сакаше да прифати нови предизвици“, изјави Дибирова.
Дибиров денес најмногу време посветува на семејството и на нивните деца.
„Тој сега главно живее со нас во Ростов. Често по покана на Загреб присуствува на натпреварите на клубот во Хрватска, а слободното време го поминува играјќи тенис со децата“, откри Ирина.
Дибиров остави длабока трага во европскиот ракомет, особено во дресот на Вардар и Загреб, а неговото име останува запишано меѓу најдобрите стрелци во историјата на Лигата на шампионите.























