Еурофарм Пелистер в четврток го игра четвртиот натпревар од Лигата на шампионите на гостински терен кај францускиот првак ПСЖ.
Средниот бек Марио Танкоски вели дека претходниот меч против Кил многу значи за самодовербата на екипата.
„Многу ни значи тоа што одигравме одличен натпревар против Кил. Влијае тој натпревар на самодовербата, иако не победивме, а имавме можност за тоа. Се подигнавме психички, па тоа ни е добредојдено за следните предизвици. ПСЖ е најсериозен испит сезонава. Заедно со Келце, сметам дека нашиот следен противник е најсилната екипа во групата, па и во Европа. Го имаат најдобриот тренер во светот – Раул Гонзалез. Променет им е составот од минатата сезона, им треба време да се воиграат, но имаат екстра-квалитет. Сепак, се екипа од 20 милиони евра, тука е голема разликата со нас. Треба да одиграме најдобро што можеме, па што биде, нека биде. Октоври и ноември се најтешки месеци во сезоната, но веќе сме во тој ритам и само да сме здрави и да не избегнат повредите, ќе ги исполниме целите“, вели Танкоски.
Натпреварот меѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер се игра во Париз в четврток со почеток во 20:45 часот.