Стојановиќ прозиваше, Тиквеш ги стартуваше подготовките за суперлигашкиот плеј-оф

Tимот на Тиквеш ги започна подготовките за пролетниот дел од Супер лигата, каде ќе разигрува за титулата.

Нов тренер на кавадаречкиот клуб е селекторот на младинската репрезентација Раде Стојановиќ, кој ја имаше првата прозивка со Тиквеш.

Десетина дена ќе се тренира во Кавадарци, а потоа на 21 јануари екипата патува за Црна Гора, каде ќе бидат одиграни три тест средби.

Две од нив ќе бидат против црногорскиот шампион Ловќен Цетиње, а ќе биде одигран и еден пријателски натпревар против Будуќност Подгорица.

Пред стартот на разигрувањето за титулата, кавадарчани ќе тестираат два пати и со составот на Прилеп.

Кавадарчани во плеј-офот ќе пренесат еден бод, а ќе стартуваат со натпревар против тимот на Струга во „Јасмин“.