Србите ќе го унапредуваат ракометот – формираа ракометен Совет

Во Нови Сад оваа недела беше одржано основачкото Собрание на новото тело во српскиот ракомет – Српски ракометен Совет. Ова е здружение на поранешни репрезентативци и репрезентативки, како и заслужени спортски работиници кои беа дел од најголемите успеси на српскиот ракомет во 2012 и 2013 година.

Претседател на овој Совет е Никола Манојловиќ, меѓу основачите се и Растко Стојковиќ, Јелена Ериќ и Ненад Вучковиќ, а во Управниот Одбор се уште Момир Илиќ, Драгана Цвијиќ и Андреа Лекиќ.

„Нашите заеднички сили мора да понудат нова енергија и надвор од теренот, како што некогаш беше на ракометните терени. Овој Совет има за цел да стане мотор на позитивни промени, ревитализација и подигнување на српскиот ракомет на едно повисоко ниво. Нема да биде само церемонијално тело. Ќе ги разгледаме и ќе предлагаме промени за подобрување на нашиот спорт, ќе организираме кампови и предавања за да се збогати знаењето на нашата ракометна заедница. Ревијалните натпревари ќе бидат наша платформа за популаризација на ракометот и привлекување на нови вљубеници во нашиот спорт“, изјави Манојловиќ.

Првата активност на овој Совет ќе биде гала вечерта, посветена на освојувачите на медали кај мажите во 2012 и кај жените во 2013 година, на која ќе им бидат доделени признанија на сите членови на тогашните репрезентации и на стручните штабови.