Спартак е лидер, Деспина убедлива, Босилковска за триумф на Пелистер

Ракометарките на Спартак запишаа победа над Стружанка со 30-27 во натпревар што им го донесе лидерското место на табелата во плеј-аутот од Женската лига.

Иако гостинките беа ослабени и играа без кадетките во составот кои играа на Ф4, одлично парираа на Спартак, но сепак на крајот останаа со празни раце.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Надица Максимовска со 11 гола и Зорица Андовска со шест, додека Маја Раткушиноска даде седум гола за Стружанка.

Деспина на домашен терен беше убедлива против Шампион и славеше со 39-18. Анастасија Јованоска со девет гола беше предводничка на составот на Адријано Котевски, додека за гоститнките, Миа Петровска постигна пет погодоци.

Пелистер славеше полесно од очекувањата на гостински терен кај Овче Поле Славјански Универзитет со 29-22. Домаќинките во Свети Николе успешно го отворија мечот и водеа со 5-2, но како одминуваше времето така битолчанки се враќаа во игра.

До паузата Пелистер израмни на 10-10, а во вториот дел направи комплетен пресврт и комплетно го надигра противникот. Најдобри стрелци кај победникот беа Моника Босилковска со десет гола и Ана Марија Талева со седум, а Јована Конева даде исто толку за домаќинките.

Спартак е лидер со 14 бода на табелата, пред Пелистер и Деспина кои се на делба на второто место со по 13 бодови.

Женска лига, плеј-аут, 9 коло:

Спартак – Стружанка 30-27
Овче Поле СУ – Пелистер 22-29
Деспина – Шампион 39-18