СП 2023: Чешка е сензационален четвртфиналист!

Репрезентацијата на Чешка направи голем успех на Светското првенство 2023 и си обезбеди пласман во четвртфиналето.

Имено, главниот ривал на Чешка за второто место во четвртата група, репрезентацијата на Шпанија беше убедливо поразена од Холандија со 29:21 (13:9) и остана без четвртфинале на Мундијалот.

На Шпанија и требаше само реми во дуелот со „лалињата“, но вицепрвакот од 2019 година немаше сили да им парира на холанѓанките и натпреварот го загуби во првите десетина минути од вториот дел.

Холандија остана прва на табелата со десет бода, репрезентацијата на Чешка го презеде второто место со шест бода и се чекираше во четвртфиналето, Ист број на бодови (6) имаат и Бразил и Шпанија, но ракометарките на Чешка имаат најдобар скор во меѓусебните дуели со двете репрезентации.

Од споменатата група во четвртфиналето патува токму Холандија, која ги доби сите дуели во досегашниот тек од Мундијалот, во групната фаза славеше над Аргентина, Конго и Чешка, додека во главната фаза триумфираше против Бразил, Украина и Шпанија.

Во четвртфиналето ќе играат и репрезентациите на Германија, Данска, Норвешка, Франција и Шведска, додека последниот патник ќе се знае во текот на утрешниот ден.

Светско првенство, резултати:

Аргентина – Украина 25-20

Чешка -Бразил 27-30

Ангола – Јужна Кореја 33-31

Холандија – Шпанија 29-21