СП 2023: Без проблеми за европските селекции, шест обезбедија место во главна рунда

Селекциите на Словенија и Чешка со победите над Ангола, односно Аргентина, го потврдија пласманот во главната рунда на Светското првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Втори победи на Мундијалот забележаа и селекциите на Холандија, Црна Гора, Франција и Германија, па и тие исто така го потврдија место меѓу најдобрите 24 на СП.

Иако Словенките водеа во првиот дел и со пет погодоци, сепак Ангола се врати во егал, дури и поведе во второтото полувреме, но по 25-23, избраничките на Драган Аџиќ дадоа пет гола по ред и го решија победникот. Алја Варагиќ даде пет гола за Словенија, додека Тјаша Станко и Наташа Љепоја имаа по четири реализации. Кај Ангола, Азенаиде Карлос имаше шест гола, а Изабел Гуилао постигна пет.

Чешка беше предводена од Маркета Јержабкова и Вероника Мала кои искомбинираа 15 погодоци за лесен триумф над јужноамериканскиот претставник.

Црногорките иако имаа само плус два на пауза против Парагвај, 17-15, сепак на крајот победија со 15 гола разлика. Крилата Ивона Павичевиќ со девет и Дијана Мугоша со осум беа најдобри во составот на Бојана Поповиќ.

Холандија во еден момент водеше со 12-1 против Конго, на крај оствари убедлив триумф со 40-20. Најдобри од избраничките на селекторот Пер Јохансон беа Ван Ветеринг со осум и Анџела Маленштајн со седум гола.

По минималниот триумф над Ангола во првото коло, Французинките сега не си дозволија да стравуваат за бодови до крај и го совладаа Исланд, 31-22. Најдобри стрелци кај победникот беа Буктит и Канор со по пет гола, додека кај Исланд се истакна Ерлингсдотир со седум реализации.

Германија не дозволи никаква сензација и забележа победа над Иран со 45-22. Бундес тимот го предводеа Стокшладер со осум и Грисејлс со шест погодоци.

СП 2023, 2 коло, резултати:

Словенија – Ангола 30-24
Чешка – Аргентина 31-22
Парагвај – Црна Гора 26-41
Конго – Холандија 20-40
Исланд – Франција 22-31
Иран – Германија 22-45