Швајцарија ни е редовен „муштерија“: Македонија без пораз последните 12 години

Македонија денес против Швајцарија ќе го одигра последниот натпревар на Европското првенство во Германија. По двата порази од Франција и Германија, нашата репрезентација во дуелот со Швајцарија ќе посакува со победа да го заврши настапот на континенталниот собир.

Репрезентацијата на Македонија има позитивен исход од дуелите со денешниот ривал. Нашата репрезентација има триумфирано на шест од осумте меѓусебни дуели. Двата порази ги доживеавме далечната 2003 година.

Двете репрезентации последниот натпревар го имаат одиграно во мај, 2021 година. Македонија и Швајцарија тогаш се сретнаа во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2022, кое се одржа во Унгарија и Словачка.

Во однос на ростерот кој го имаа двете репрезентации на последниот одигран натпревар, има неколку промени за денешниот дуел.

Од актуелните репрезентативци на Македонија во квалификацискиот натпревар против Швајцарија на 2 мај, 2021, играа Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Филип Талески, Мартин Велковски, Игор Ѓорѓиев, Никола Маркоски, Ненад Костески, Мартин Томовски, Никола Митревски и Михајло Младеновиќ, кој се наоѓа на списокот на резерви.

Швајцарија на одиграниот дуел во Скопје на располагање ги имаше Енди Шмид, Лени Рубин, Лукас Меистер, Марвин Леир, Никола Портнер, Самуел Зендер, Јонас Шелкер и Максимилијан Гербл.

Меѓусебни натпревари на Македонија и Швајцарија:

15.01.2003, Кавадарци, Македонија – Швајцарија (ЕП квалификации) 24:31
19.01.2003, Цуг, Швајцарија – Македонија (ЕП квалификации) 34:30
31.10.2012, Скопје, Македонија – Швајцарија (ЕП квалификации) 30:24
12.06.2013, Цирих, Швајцарија – Македонија (ЕП квалификации) 22:27
29.10.2014, Скопје, Македонија – Швајцарија (ЕП квалификации) 27:20
10.06.2015, Сент Гален, Швајцарија – Македонија (ЕП квалификации) 17:26
07.11 2020, Шафхаузен, Швајцарија – Македонија (ЕП квалификации) 23:25
02.05.2021, Скопје, Македонија – Швајцарија (ЕП квалификации) 29:28

Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија ќе се одигра во „Мерцедес Арена“ во Берлин со почеток од 18:00 часот.