Што и треба на Македонија за пласман на ЕП 2026?

Македонија со два убедливи порази од Словенија (32-26 во Скопје и 38-27 во Копер), ја заврши ЕХФ неделата и направи чекор назад во битката за ЕП 2026 што ќе се игра во Данска, Шведска и Норвешка.

Селекцијата предводена од Кирил Лазаров сега е трета во групата 1 од квалификациите за ЕП 2026 со два бода, зад Литванија која врза три победи по ред и сега е втора со шест бода. Словенците се веќе на ЕП и на прво место со осум бода, додека Естонија е последна без бодови.

Во следното коло Литванија ќе ја пречека Словенија, во неважен натпревар за гостите, кои може да експериментираат со ростерот. Но за Македонија важно е Словенците да ја добијат оваа пресметка за да ги задржиме шансите за второ место, а ако се случи некое изненадување, тогаш нашата селекција може да биде најмногу трета, без разлика на останатите резултати.

Тој меч ќе се игра на 7 мај, а ден подоцна Македонија ќе гостува во Талин кај Естонија, во меч што едноставно МОРА да го добие. Ако се оди според планот, тогаш победа против Литванија во последното коло на 11 мај со три и повеќе разлика (пораз во Виљнус со 29-27), ќе ја донесе Македонија на второто место што гарантира пласман на ЕП.

Ако претходно немаме посакувани резултати во петтото коло, тогаш во последното коло Македонија ќе МОРА да слави со што поголема разлика над Литванија за да влезе меѓу најдобрите четири третопласирани.

Две победи над Естонија и Литванија не ни гарантираат место на ЕП, бидејќи сега зависиме и од другите, па ќе чекаме и услуга не само од Словенците, туку ќе мора да правиме математики и да пребројуваме гол-разлики на сите третопласирани во осумте групи.

За нив во табелата ќе се пресметуваат бодовите освоени на натпреварите само со прво и второпласираните селекции. Петтото и шестото коло од квалификациите е на програмата на 7/8 мај, односно на 11 мај, кога сите натпревари ќе се играат од 18:00 часот.