Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ја забележа шестата победа во шестиот натпревар од суперлигашкиот плеј-оф, откако на домашен терен рутински одработи против Струга и славеше со 34-23.
Иако гостите пружија солиден отпор во првиот дел, сепак немаа сили да му парираат на шампионот, кој без загубен бод продолжува кон одбрана на титулата.
Стружани водеа со 7-6, но потоа битолчани со серија од пет погодоци направија комплетен пресврт и поведоа со 11-7, а по 13-9 следуваа уште три гола на Борзаш, Танкоски и Василев за убедливи плус седум на паузата, 16-9.
Вториот дел мина без посебни возбудувања, двајцата тренери им дадоа шанса за настап на сите ракометари, а гостите немаа сили да се заканат и на крајот заминуваат од Битола со убедлив пораз.
Предводници во домашниот тим беа Василев со шест и Цехте со пет погодоци, додека кај Струга најдобри стрелци беа Тренчевски и Бошњак, со по осум гола. Во следното коло пелистерци му гостуваат на вицепрвакот во Автокоманда, додека Струга ќе го пречека составот на Пролет.