Ристовски броеше до 12, Драчево фуриозно во Струмица

Екипата на Драчево, која во минатата сезона играше бараж за пласман во елитата, на денешното гостување во Струмица кај Астраион триумфираше со 42:21 во натпревар од 6. коло од Првата лига.

Скопскиот тим со новите освоени бода моментално ја презеде лидерската позиција во групата А, сега има 15 бода на свое конто, додека Младост и Јехона, кои имаат натпревар помалку, имаат по 12 бода.

Победникот на овој дуел беше одлучен уште во првите десетина минути кога избраниците на Велимир Настевски поведоа со 8:2. Астраион се обидуваше да одигра најдобро што може, но разликата во квалитет меѓу двете екипи беше видлива уште по првото полувреме, кое гостите го добија со 14:6.

Драчево во вториот дел уште повеќе ја зголеми предноста, разиграни беа Ристовски, Дука, Дабевски..па така гостинскиот тим лесно погодуваше во домашната мрежа.

Најефикасен на средбата беше членот на Драчево, Бобан Ристовски со 12 погодоци, по седум постигнаа неговите соиграчи Филип Дабевски и Ѓорѓи Дука.

Во тимот на Астраион се истакна Александар Цонев со пет погодоци, еден помалку запишаа Миловој Котевски и Ристо Ѓоргиев.