Ристовска: Ние научивме многу од Шведска, но и тие научија нешто од нас

Женската репрезентација на Македонија со пораз од Шведска го отвори Европското првенство во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Капитенот Сара Ристовска вели дека и покрај високиот пораз сепак имавме и некои позитивни моменти, особено кај младите ракометарки.

„Не го исполнивме тоа што го договоривме за овој натпревар. Почетокот и не беше толку лош, потоа не фати некоја несфатлива паника и направивме многу технички грешки. Едноставно не можевме да дојдеме до позиција за шут, сите наши грешки беа казнети со лесни голови. Во вториот дел почнавме лошо, но потоа се вративме со некоја поедноставна игра. Искрено не ни беше толку голем фокусот на Шведска, колку што ни е на Турција. Сепак имаше и доста позитивни моменти по кои ќе не паметат ривали. Помладите ракометарки покажаа некој квалитет. Ако не се респектираме самите себе, тогаш нема ниту другите“, вели Ристовска.

Десното крило постигна три погодоци, но крилата немаа многу простор за игра.

„Сега не затворија сите 60 минути и мене и Саздовска, немавме многу шутеви, но тоа беше дел од нивната тактика, да ги остават бековите наши повеќе да шутираат, а крилата да ги затворат. На крајот сепак имавме што да научиме од нив, но и тие нешто од нас. Од секој може да се научи“, заврши Ристовска.

Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Турција од 20:30 часот во „Феникс Арена“, додека на 2 декември е пресметката со домаќинот Унгарија од 18:00 часот.