Реагираше и Охрид: Да не се компромитира работата на едни од најдобрите судии во светот

По соопштенијата од Вардар и Еурофарм Пелистер, со свое соопштение се огласи и тимот на Охрид.

Охриѓани ја поздравуваат одлуката на Ракометната федерација на Македонија за начин на определување на официјалните лица за натпреварите.

Тие сметаат дека е непотребно одредени клубови да го девалвираат овој систем и да прават обиди за компромитирање на работата на едни од најдобрите светски судии.

„ГРК ОХРИД го поздравува начинот кој го определи Ракометната Федерација на Македонија, а кој се однесува на делегирањето на судиските парови кои ја добиваат одговорноста да ја делат правдата на натпреварите кои се одигруваат во Плеј-оф и Плеј-аут фазата од тековната натпреварувачка сезона, а посебно од причина што натпреварите од Плеј-оф фазата на натпреварување се резервирани исклучиво за судиските парови со предзнак на Европската Ракометна Федерација, каде што и самите се етаблирале меѓу најквалитетните судиски парови.

ГРК ОХРИД смета дека е целосно непотребно да се напаѓа и девалвира постоечкиот систем на делегирање на судските парови којшто во моментот го спроведува Натпреварувачката комисија при РФМ, како и што е непотребно да се осуетува и да се прави обид да се компромитира работата на едни од најдобрите судии во светски рамки.

Свесни сме дека победите и поразите се нераздвоен дел од ракометната игра и од спортот воопшто, па со тоа сметаме дека исклучиво само со пожртвувана работа и професионален пристап кон истата, еден спортски клуб може да бележи напредок и успех. ГРК ОХРИД и понатаму ќе се држи до принципот на јано некоментирање на работата на судиите, а се со цел да не се ствара јавен притисок врз истите дека од нивната работа зависи нашиот успех“, се вели во соопштението на Охрид.