Европската ракометна федерација соопшти дека започна официјална истрага за наводни расистички навреди упатени кон ракометарот на унгарска Татабања, Баптист Даматрен, за време на реванш финалето од ЕХФ Европскиот куп одиграно во Охрид.
Во ниту еден момент немаше никакви навреди од трибините кон ракометарот, а тоа може да го потврдат сите што беа во СРЦ „Билјанини Извори“.
Веројатно поучени од минатата сезона, кога на АЕК Атина му успеа со исценирани инциденти да ја надмине својата немоќ, барем во полуфиналето со Партизан, сега и членовите на Татабања пробаа, но не успеаја во текот на мечот да предизвикаат некој прекин во моментите кога Охрид ја градеше предноста.
„Во европскиот ракомет нема место за расизам. Како организација остро ги осудуваме сите форми на расизам, дискриминација и нетолеранција. Ваквото однесување кон играчи, официјални лица или гледачи е неприфатливо и нема да биде толерирано“, порачаа од ЕХФ.
Од федерацијата информираат дека ќе бидат анализирани сите околности поврзани со случајот, по што ќе биде донесена одлука дали ќе се отвори дисциплинска постапка и дали ќе следуваат санкции.
ЕХФ уште еднаш потенцираше дека борбата против расизмот и дискриминацијата останува еден од нејзините клучни приоритети и дека секој пријавен инцидент ќе биде темелно разгледан пред носење конечна одлука.























