Радовиш тргна со победа во прволигашкиот плеј-оф

Ракометарите на Радовиш со победа го започнаа настапот во прволигашкиот плеј-оф, во кој ќе атакуваат на пласман на првите две позиции.

Радовиш на гостувањето во Автокоманда кај Металург РА со одличната игра во вториот дел дојде до триумф од 26:23.

Гостите во текот на целиот натпревар беа во предност, на полувреме заминаа со 11:9, потоа осетно ја зголемија разликата и немаа проблеми за победнички старт.

Најефикасни во победничката екипа со по четири погодоци беа Иван Митревски, Здравко Постолов и Васе Петров. Во таборот на Металург РА најефикасен беше Филип Петровски со осум погодоци

Тимот на Радовиш во следното коло на свој терен ќе го пречека Бисинов, додека Металург РА ќе биде домаќин на Младост Богданци.