Тимот на Пролет ја забележа првата победа во подготовките за плеј-офот откако по голема борба славеше над составот на Голден Арт со 29-27.
Дуелот меѓу скопските ривали беше добра можност за двајцата тренери да им дадат шанса на сите ракометари, а поумешни на теренот беа избраниците на Александар Јовиќ, кои на крајот се радуваа на победата.
Првото полувреме мина во подобра игра на Пролет, кој го контролираше резултатот и на одмор замина со предност од два гола (14-12).
До пресврт дојде на почетокот од вториот дел, кога Голден Арт заигра одлично и за краток период не само што ја стигна негативата, туку и поведе со четири гола предност.
Сепак Пролет се разбуди во вистински момент, повторно го сврте резултатот во своја полза и на крајот триумфираше.
Двете екипи в сабота ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, но овојпат на теренот на Голден Арт.