Олимписките игри во Париз 2024 година донесоа и рекорд за посетеност на женски ракометен натпревар, а тоа беше четвртфиналето меѓу Франција и Германија. Тој меч го следеа 26.548 гледачи кои беа сведоци на победата на Франција од 26:23 во арената „Стад Пјер Маруа“ во Лил.
Таму се играат нокаут-фазите во машка и женска ракометна конкуренција, по прелиминарната рунда што се играше во Париз.
Посетеноста на овој меч го собори претходниот рекорд на гледачи за женски ракометен натпревар од 20.022 гледачи, поставен за време на EHF FINAL4 во Будимпешта, во јуни 2023 година. За меѓународен меч рекордот го држи СП 2013 година и мечот меѓу Србија и Бразил во Белград, кога имаше 19.467 гледачи
„До овој момент, над 400.000 гледачи присуствуваа на ракометните натпревари во Париз и Лил на Олимписките игри во Париз 2024 година и тоа може да се смета само како успех за ракометот и знак дека нашиот спорт е еден од најпопуларните во светот“, изјави Хасан Мустафа, претседател на ИХФ.
Пред натпреварот меѓу Франција и Германија, првото четвртфинале во женската ракометна конкуренција на Олимписките игри во Париз 2024 година, меѓу Данска и Холандија, исто така го собори рекордот, со 20.372 гледачи, иако тој меч се играше во 9,30 часот.