Поповски: Ние имаме нешто што скандинавците го немаат

Машката младинска репрезентација на Македонија ги заврши подготовките за настапот на Европското првенство во Романија, каде ќе има тешка задача и дуели со Данска, Норвешка и Хрватска во групната фаза.

Македонија со четири победи на четири меча против Саудиска Арабија, Грција и Италија оди на ЕП, а десниот бек, кој одлично се снаоѓа и како десно крило – Бобан Поповски, ги сподели очекувањата од настапот во Романија.

„Немаме притисок, ние целиме кон ТОП 12, веруваме дека можеме да ги добиеме Норвешка и Хрватска, Данска се далеку подобри од нас и од другите ривали, но јас гледам и наши шанси. Борбеноста и балканското во нас – да одиме на глава на секоја топка, скандинавците тоа го немаат за разлика од нас, па тоа би требало да биде наша предност“, смета Поповски.

Младинците нема да бидат во полн состав, не се достапни Дамјан Митев и Самоил Ристевски, а поради повреди отпаднаа уште неколкумина.

„Тие двајца сигурно ќе ни помогнеа многу бидејќи имаат искуство од европските купови и од Супер лигата, но што е тука е, одиме во овој состав да победуваме на ЕП“, заврши Поповски.

Македонија денеска патува за Романија, а в среда од 13:30 часот ќе го одигрa првиот меч против Норвешка.