Петти сезонски судар на титаните – може ли Вардар да го запре шампионот?

Денеска во рамки од 8. коло од плеј-оф фазата во Супер лигата ќе се сретнат екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер.

Двете екипи досега четири пати ги одмерија силите во тековната сезона и денешниот дуел ќе биде петта меѓусебна пресметка на вечните ривали.

Нивниот прв меѓусебен дуел сезонава беше одигран во Струмица на 6 септември. Тогаш во салата „Парк“ Вардар ја доби битката против Еурофарм Пелистер и го освои Куп трофејот, откако триумфираше со 30:26.

Во рамки од групниот сегмент од суперлигашката конкуренција, двете екипи играа во иста група, па така на првиот дуел триумфираа ракометарите на Вардар со 30:25, додека на вториот подобри беа пелистерци со 29:25.

Четвртиот сезонски дуел го одиграа на почетокот на месец февруари во првото коло од разигрувањето за титулата. Еурофарм Пелистер пред своите симпатизери славеше против големиот ривал со шест гола разлика 27:21.

Битолскиот тим во досегашниот тек од плеј-офот има 100% учинок, седум од седум. Тимот на Вардар на седум натпревари во вториот дел од сезоната оствари пет победи и доживеа два порази.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се одигра со почеток од 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.