Петковиќ: Никогаш не би бил селектор на Србија!

Актуелниот селектор на Русија, Велимир Петковиќ, кој пред извесен период објави дека на лето ќе ја напушти селекторската функција на „зборнаја“, за босанскиот портал ,,Oslobođenje” говореше на многу ракометни теми.

Искусниот стратег изјави дека никогаш не би бил селектор на Србија поради односот кон него од тогашното раководство на РСС. Петковиќ за споменатиот портал изјави дека попрво би бил селектор на Кипар, Малта, Турција…отколку на Србија.

,,Три пати бев пред преземање на Србија и три пати бев измамен. Тоа боли, не затоа што е Србија, во срцето ги носам и Босна и Херцеговина и Бања Лука, ги сакам сите републики, градови и луѓе од поранешна Југославија, сакал или не, јас бев и останав голем Југословен. Ме боли измамата од Ракометниот сојуз на Србија (РСС). Неодамна им кажав на новинарите од Србија дека можам да ги водам Кипар, Малта, Турција, сите репрезентации, но не и Србија, тоа е единствената земја чија репрезентација не би ја водел, но не на национална основа – тоа да го нагласам”, изјави Петковиќ за ,,Oslobođenje”.

67-годишниот стратег со Русија го освои 14 место на Светското првенство во 2021 година, а беше на деветтото место на континенталниот собир во 2022 година.

Петковиќ на клупско ниво работеше во Вецлар, Гепинген, Фуксе Берлин, Ајзенах…

Велимир Петковиќ ја напушта клупата на Русија