Пелистерецот Каспер Кисум се пресели во Франција

Данецот Каспер Кисум, кој по завршувањето на регуларниот дел од оваа сезона ги напушти редовите на Еурофарм Пелистер, има нов интернационален клуб во својата кариера.

На средниот бек не му требаше многу долго да пронајде нов клуб и во продолжението од сезоната ќе настапува во шампионатот на Франција.

31-годишниот ракометар ќе го носи дресот на Сент Рафаел, клуб кој за оваа сезона има буџет од околу 4 милиони евра.

Довчерашниот пелистерец во францускиот клуб пристигна како „медикал џокер“, но ќе има опција да го продолжи договорот, доколку двете страни бидат задоволни од соработката.

Сент Рафаел по 16 одиграни кола во домашниот шампионат се наоѓа на 6. позиција со 19 бодови и има големи шанси да избори место во Европа.

Кисум остави силна трага во битолскиот клуб и имаше голема заслуга за освојувањето на шампионската титула во минатата сезона.