Овче Поле СУ во вториот дел ја скрши жилавата Стружанка

Ракометарките на Овче Поле СУ им се вратија на победите во Првата лига и славеа против Стружанка со девет гола разлика, 30-21.

Тимот од Свети Николе загуби кај Ѓорче Петров 2 минатото коло и значително си ги намали шансите за второто место што води во бараж за Супер лигата, но сега се враќа во игра и има 26 бода, зад „лавиците“ со 28.

Гостинките одлично парираа во првото полувреме и пружија голем отпор, па на паузата се замина со 14-13 за избраничките на Илија Бетувски.

Меѓутоа Стружанка во вториот дел попушти, Овче Поле СУ ги казнуваше сите грешки на гостинките и ја градеше својата предност кон триумф.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Конева со осум и Вучевска со пет погодоци, а Маџоска даде осум гола за Стружанка.

Во следното коло, Овче Поле СУ му гостува на Шампион, додека Стружанка е слободна.

 

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________