Овче Поле со десет ракометари го освои Ресен

Ракометарите на Овче Поле прославија триумф на гостувањето кај составот на Преспа Вардар со 29-22, во натпревар од третата рунда во прволигашкиот плеј-аут.

Тимот од Свети Николе иако во ростерот имаше само десет ракометари, уште по првиот дел направи солидна залиха од пет гола, 16-11.

Домашните во продолжение се трудеа да се вратат во игра за позитивен резултат на овој натпревар, но само успеаја во неколку наврати да намалат на минус три.

Овче Поле рутински го доработи натпревар и си замина со трите бода од салата „Зоран Стојановски“ во Ресен.

Гостинскиот тим беше предводен од Димитрија Крстев со девет и Кристијан Коцевски со седум погодоци, додека кај Преспа Вардар, Александар Филиповски имаше пет гола.