Охрид потпиша со поранешен македонски репрезентативец

Македонскиот лев бек Филип Талески потпиша договор со тимот на Охрид за сезоната 2026/2027 со можност за продолжување за уште една сезона.

Поранешниот македонски репрезентативец доаѓа од екипата на Татабања. Потекнува од школата на Металург, а потоа замина во бундеслигашот Рајн Некар Левен, а во Германија играше и за Балинген. Потоа играше и за Вардар и Бенфика.

„Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа огромна желба, сериозна визија и амбиција кои целосно се поклопуваат со моите лични и спортски цели. Среќен сум што ќе го носам дресот на Охрид, клуб кој незапирливо расте и има фантастична публика. Охрид заслужува големи ракометни успеси, а јас сум тука да го дадам својот максимум на секој натпревар за да ги оствариме зацртаните цели на клубот како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена“, изјави Талески.

Претходно Охрид се засили со бековите Никола Зечевиќ, Мартин Карапалевски, Мартин Ивановски и Доминик Мате, крилото Адама Кеита, голманот Дино Славиќ и пивотот Шуичи Јошида.