Веќе е познато дека во последните две сезони Романија ја има најскапата лига во женскиот ракомет. Многу клубови вложуваат големи средства, носат играчи од цела Европа, па така конкуренцијата од сезона во сезона станува сѐ поголема.
За потсетување, романскиот портал „Фанатик“ објави дека моментално дури шест клубови за оваа сезона имаат поголем буџет од 2 милиони евра. Според најавите, односно според пишувањата на „ПроСпорт“, Глорија Бистрица најавува вистински бум во романскиот ракомет и на нејзиниот буџет ќе треба да ѝ позавидат и многу машки тимови кои играат во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
Доколку се остварат пишувањата на „ПроСпорт“, тогаш тимот на Глорија Бистрица за следната сезона ќе има на располагање околу седум милиони евра. Тоа ќе значи дека буџетот на Глорија Бистрица ќе биде колку ЧСМ Букурешт (3.600.000 евра) и Рапид Букурешт (2.800.000 евра) заедно.
Глорија Бистрица минатата година, според ПроСпорт“, имала буџет на располагање од околу пет милиони евра. Тренер на екипата е актуелниот селектор на женската сениорска репрезентација на Романија, Флорентин Пера. Во ростерот на Глорија Бистрица нема многу познати ракометни имиња, но тука сѐ романските репрезентативки – Јулија Думанска, Бјанка Базалиу, Кристина Ласло…
Амбициозниот тим, моментално, е во трка за шампионската титула во најсилното романско натпреварување. По 15 одиграни кола се наоѓа на делба на второто беше со Рапид Букурешт, двете екипи имаат по 36 бода, додека лидерот ЧСМ Букурешт има девет бода повеќе, 45.
Евентуално доколку Глорија Бистрица ја освои титулата на домашна сцена, тогаш буџетот би бил уште поголем, со оглед на тоа што шампионот на Романија обезбедува директно учество во Лигата на шампионите.