Искусното десно крило Кристијан Бјорнсен објави дека актуелната сезона ќе биде негова последна во професионалната кариера.
Бјорнсен (37) од 2021 година го носи дресот на данскиот шампион Алборг, за кого досега одигра 233 натпревари и беше важен дел од ростерот во домашното првенство и европските натпреварувања.
Пред преселбата во Данска, норвешкиот репрезентативец остави силен печат и во Бундес лигата со настапите за Вецлар, а претходно играше и за шведскиот Кристијанштад и норвешкиот Берген.
Неговата брзина, сигурната реализација од крило и искуството во транзиција го направија еден од најпрепознатливите играчи на својата позиција во изминатата деценија.
Бјорнсен беше дел од најсилната норвешка селекција во последните години, генерација која блескаше на европската и светската сцена. Во истиот тим настапуваше со ѕвезди како Сандер Сагосен, Магнус Род, Кент Робин Тонесен и Торбјорн Бергеруд.
Со Норвешка освои медали на големите натпреварувања и беше редовен учесник на завршниците на европските и светските првенства.
Со неговото повлекување, норвешкиот ракомет губи уште еден член од генерацијата која ја издигна селекцијата меѓу европската елита. До крајот на сезоната, Бјорнсен ќе има можност уште еднаш да се прости од публиката во данскиот шампионат, но и во Лигата на шампионите.


























