Николовски и Петровски комбинираа 21 гол, продолжува победничката низа на Металург РА

По победите над Партизан Гевгелија и Кичево, екипата на Металург РА запиша трет триумф во серија во новата сезона од Првата лига, откако дома славеше против Македонија Ѓорче Петров со 36-23.

Гостинските ракометари отворија одлично и поведоа со 4-1, а одржуваа резултатска рамнотежа некаде до финишот на првиот дел кога имаа водство со 11-9.

Потоа домаќините направија пресврт, поведоа со 12-11 и до паузата успеаја да стигна и до плус три, 15-12.

Во второто полувреме, Македонија Ѓорче Петров успеа да намали на минус еден гол, 17-16, но потоа влезе во низа грешки и тоа домашните го казнија со лесни погодоци за 21-16.

Гостите потоа немаа сили за камбек во натпреварот и тимот од Автокоманда одработи само рутински за висока и убедлива победа од 13 гола.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Коста Николовски и Филип Петровски со 11, односно десет гола, додека во гостинската екипа Максимилијан Ѓиноски постигна шест погодоци.