Тоа што беше познато одамна, денеска доби и официјална потврда. Еурофарм Пелистер го договори репрезентативниот голман Никола Митревски за следните две сезони.
Митревски по четири сезони се враќа во својот матичен клуб, и со раководството на шампионот потпиша договор на две сезони.
Тој во последните четири сезони го бранеше голот на Порто, а играше и за Констанца, Бенфика, Металург и Вардар.
Еурофарм Пелистер со камбекот на Митревски доби големо засилување, бидејќи искусниот голман во последните две сезони брани во одлична форма.
38-годишниот голман во сезона 2021/22 беше прогласен за најдобар голман во португалскиот шампионат, а во истата сезона беше меѓу номинираните за најдобар голман во Лигата на шампионите.
Како што е познато, двајцата голмани Урбан Лесјак и Калифа Гедбан на лето ќе го напуштат битолскиот тим, па така Митревски ќе биде одлична замена.