Нема веќе „провизии“ – ваучерите директно ќе легнуваат на сметката на клубовите!

Владата на Македонија на вчерашната седница го разгледа и го утврди текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за спорт.

Овој Предлог закон беше предложен од страна на Министерството за правда, а главните промени се поврзани со распределбата на ваучерите.

Досегашната пракса откако беа воведени ваучерите, средствата од приватните компании кои дел од данокот на добивка наместо на државата го уплаќаа на сметките на спортистите и спортските клубови ќе биде променета, па сега државата ќе биде таа што директно ќе ги дели парите.

На „провизиите“ кои беа актуелни во изминатите неколку години, со измените во Законот за спорт ќе им биде ставен крајот и државните пари ќе завршат во вистинските раце – оние на спортистите.

„Владата го усвои Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за спорт предложен од Министерството за правда. Со предложените решенија се обезбедуваат финансиски поттикнувања за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт, подигнување на спортот на повисоко ниво во нашата земја и остварување на подобри резултати како во домашни рамки така и на меѓународно ниво. Аналогно на измените и дополнувањата на Законот за данокот на добивка во делот на даночното намалување/поттикнување, во Законот за спортот се предвидува даночно поттикнување за спортките субјекти со воведување на ваучерски систем согласно кој точно ќе бидат утврдени надлежностите на спортските субјекти и органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, како и самата процедура при издавање на ваучери. Законот ќе се достави во Собранието и ќе се носи по скратена постапка“, стои во соопштението од македонската Влада.

Откако ќе биде изгласан во Собранието, овој Закон за спорт ќе стапи во сила, а тоа се очекува да биде кон крајот на 2023 година.