Недановски: Пресуди нашата желба за победа

Ракометарите на Вардар се вратија во игра за титулата, откако славеа на гостувањето кај Охрид со 27-25 во натпревар од 6 коло во суперлигашкиот плеј-оф.

Тренерот Владо Недановски смета дека охриѓани паднале под притисокот во финишот, и Вардар го искористи тоа да дојде до победа.

„Одлична атмосфера, одлично дерби, на кое на крајот победивме. Денеска беше уживање да се игра во салата „Билјанини Извори“. Охриѓани беа тактички многу добро подготвени за нас, тешко доаѓавме до гол и успеаја да не изненадат со нивната 5-1 одбрана што досега не ја играа. На крајот попуштија, веројатно притисокот си го направи своето и ние се радувавме“, вели Недановски.

Тој смета дека голема желба за победа на „црвено-црните“ ракометари исто така имала улога во „Билјанини Извори“.

„Желбата за победа беше на крајот клучна. Последните натпревари ги играме со голема желба, момците го почитуваат договореното, даваат максимум на теренотсе гледа залагањето. Тоа е она што носи до победа. Ние нашето треба да го сработиме, не зависи од нас само во борбата за титула“, заврши Недановски.

Следен натпревар Вардар игра на домашен терен против Бутел Скопје, додека Охрид ќе оди на тешко гостување во Кавадарци.

Вардар тешко го „скрши“ Охрид – скопјани остануваат во игра за титулата