„Не посакувам, ама со 90% играчи од Алкалоид во репрезентација ќе бидеме ‘топовско месо’ на ЕП“

Меѓу другите теми на брифингот со новинарите, извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски, се осврна и на темата – машка репрезентација на Македонија.

Ристовски не посакува, но смета дека ќе бидеме „топовско место“ за ривалите на континенталниот собир.

„Мене не ми смета кога некој има визија за нешто, но ми смета кога таа визија е пробиена и таа не носи како држава и како репрезентација низ една бездна и нема начин да се застане. Некои мислат дека јас имам нешто лично против Лазаров. Не знам што да очекувам. Го гледате и вие составот, кој е 90% од играчи на Алкалоид. Не посакувам, ама реалноста е дека ќе бидеме топовско месо на ЕП. Со овој состав, со овој начин на работа и оваа поставеност, не може да се очекува ништо друго. Дај Боже да грешам, и сите вие после тоа да кажувате дека Борко згреши. Мене ми е криво што се доведовме до ситуација да размислуваме дали ќе изгубиме десет или под десет, и сето тоа да се стави под ‘обвивка’ дека ја подмладуваме репрезентацијата“, изјава Ристовски.

Македонија го стартува Европското првенство на 10 јануари против Франција, на 14 јануари ќе се соочиме со Германија, додека на 16 јануари противник е селекцијата на Швајцарија.