„Не очекував репрезентативен повик, среќен сум како мало дете“

Машката сениорска репрезентација на Србија во Стара Пазова ги започна подготовките за Европското првенство 2024.

Селекторот на Србија, Тони Херона, за првата фаза од подготвителниот период го повика и членот на Вардар, Матија Николиќ, кој покажува одлични партии во дресот на „црвено-црните“.

Репрезентативниот повик за Николиќ претставува и остварување на детскиот сон, бидејќи секој ракометар сонува еден ден да заигра за својата татковина.

,,Кога ја добив поканата од Ракометниот сојуз на Србија, во првиот момент не поверував. Бев малку збунет затоа што искрено не го очекував овој повик. Ова е мојот сон уште од детството, откако почнав да играм ракомет. За мене е голема чест што сум во оваа група играчи, што некој го препозна мојот талент и мојата игра. Кога станав свесен за повикот, бев среќен како мало дете. Сега се чувствувам одлично, среќен сум и возбуден. Едвај чекав да дојдам, да видам како изгледа се, момците се супер и имаб убав пречек”, изјави Николиќ.

Србија ќе игра две пријателски средби со селекцијата на Словенија, за која повик добија двајца ракометари на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак и Нејц Цехте.

Избраниците на Херона на Европското првенство 2024 за ривали ги имаат репрезентациите на Исланд, Унгарија и Црна Гора.