Навивачите бараат оставка од тренерот, ама управата ќе мора да му исплати 54.000 евра оштета

За време на натпреварот од Лигата на шампионите во женска конкуренција меѓу екипите на ЧСМ Букурешт и Брест Бретањ, натпревар кој што заврши со победа на францускиот тим од 30:28, од трибините од спортската сала „Поливалента“ се слушаа извици „оставка, оставка“.

Симпатизерите на ЧСМ Букурешт побараа оставка од главниот тренер на клубот Адриан Василе, бидејќи романскиот шампион на шест натпревари забележа три порази и се оддалечи од трката за првите две позиции во својата група.

Според пишувањата на романскиот портал ,,ГСП“, стратегот на ЧСМ Букурешт има договор до 2025 година и толку биде отпуштен тогаш раководството на клубот ќе мора да му плати 54.000 евра оштета. Според споменатиот медиум, месечните примања на Василе изнесуваат околу 9.000 евра, па поради тоа, тој е еден од најскапите тренери во Европа.

Желбите на навивачите на ЧСМ Букурешт тешко дека ќе се остварат, бидејќи Василе има поддршка и од управата и од легендарната Кристина Неагу, која е алфа и омега во романскиот шампион. Порталот ,,ГСП“ наведува дека Неагу е презадоволна од тренинзите и од работата на нејзиниот предводник.

ЧСМ Букурешт моментално е лидер во романскиот шампионат, но на европска сцена не игра според посакуваното ниво. Во случај тимот да се пласира на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, платата на Василе ќе биде зголемена на 10.000 евра.