Струга од 12 до 15 авгиуст повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Охрид во Струга доаѓа како бранител на трофејот и актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот куп. За капитенот Гоце Ојлески настапот на турнирот има посебно значење, бидејќи токму во Струга ги направил своите први ракометни чекори.
Еден од главните кандидати за пласман во финалето ќе биде Охрид. „Гладијаторите“ го бранат трофејот освоен минатата година, а на турнирот пристигнуваат и како актуелни освојувачи на ЕХФ Европскиот куп.
Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот. На отвореното игралиште покрај Охридското Езеро ќе се одржи 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Посебно враќање за Ојлески
За капитенот Гоце Ојлески турнирот има многу поголемо значење од обична подготвителна проверка. Тој е роден во Струга, таму ги направи првите ракометни чекори, а низ кариерата повеќепати настапувал на традиционалниот турнир во дресовите на различни екипи.
Ојлески одлично ги познава специфичните услови на отвореното игралиште, атмосферата на трибините и значењето што турнирот го има за градот.
„Турнирот во Струга е еден од ретките што се играат под отворено небо и токму тоа му дава посебно чувство. Атмосферата е поинаква од онаа во сала. Многупати сум учествувал на овој турнир и посебно ми е драго што повторно ќе настапам, бидејќи токму во Струга се моите почетоци во ракометот“, вели Ојлески.
Настапот покрај езерото за него секогаш носи дополнителни емоции, но на теренот Ојлески ќе ја има истата задача како и на секој друг натпревар – да го предводи Охрид и да им помогне на соиграчите што подобро да се подготват за новата сезона.
Турнирот ќе послужи за воигрување
Охрид во новата сезона влегува со променет и дополнително засилен состав. Поради тоа, натпреварите во Струга ќе бидат важни за создавање подобра поврзаност меѓу старите и новите ракометари.
„Нашите очекувања се да го искористиме турнирот за што подобро да се воиграме како екипа и да се подготвиме за она што нè очекува на почетокот на првенството“, истакнува капитенот на Охрид.
Тренерот Борис Ројевиќ уште претходно веќе најави дека сите ракометари ќе добијат минутажа, а резултатот во оваа фаза нема да биде единственото мерило. Сепак, како бранител на трофејот, Охрид нема да се откаже од можноста повторно да стигне до пехарот.
„Секако, доколку ни се укаже шанса, ќе се обидеме повторно да го освоиме пехарот“, порача Ојлески.
Охрид ќе игра во група со домаќинот Струга и српскиот претставник Дубочица од Лесковац. Првиот натпревар ќе биде езерското дерби меѓу Струга и Охрид. За Ојлески тоа ќе биде уште една посебна средба, бидејќи ќе игра против клубот од градот во кој порасна и ја започна кариерата.
Вториот ривал ќе биде Дубочица, екипа што подолг период го гради својот состав и има континуитет во работата. Двата натпревари треба да му дадат на стручниот штаб појасна слика за моменталната форма на екипата.
„На турнирот има голем број македонски екипи што добро ги познаваме. Натпреварите ќе бидат добри и корисни за сите учесници, особено во овој дел од подготовките“, смета Ојлески.
Вардар е главен фаворит
Иако Охрид го брани трофејот и зад себе има историска сезона, капитенот на „гладијаторите“ фаворитската улога му ја препушта на Вардар.
„Од сите учесници би го издвоил Вардар како најголем фаворит за освојување на турнирот“, изјави Ојлески.
Вардар и Охрид се наоѓаат во различни групи, па меѓусебна пресметка е можна во натпреварите за пласман. Двете екипи зад себе имаат сезона во која освоија вкупно три трофеи – Вардар стана шампион и го освои Купот на Македонија, додека Охрид триумфираше во ЕХФ Европскиот куп.
Тие се сретнаа и во финалето на Купот на Македонија, а на почетокот на септември повторно ќе играат еден против друг во натпреварот за Суперкупот. Поради тоа, евентуално финале во Струга би било и најава за првиот официјален дуел во новата сезона.
Охрид го брани трофејот
Охрид минатата година го освои својот прв трофеј на Струшкиот турнир и сега ќе се обиде да го одбрани. Сепак, Ојлески не сака екипата да биде оптоварена само со резултатот.
Главната цел ќе биде тимот да се воигра, новите ракометари да се приспособат и екипата да ја подигне формата пред почетокот на домашните и европските обврски.
За капитенот, настапот во Струга секогаш ќе има посебна тежина.
„Секогаш е убаво да се игра во Струга. За мене е уште поспецијално, бидејќи тука започна мојата ракометна приказна. Ќе се обидеме добро да се подготвиме, да одиграме квалитетни натпревари и, доколку добиеме можност, повторно да се бориме за пехарот“, заврши Ојлески.
Распоред на мечевите на Охрид
12 август
21,15 часот – Струга – Охрид
13 август
20,30 часот – Охрид – Дубочица
15 август
Меч за пласман
* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…























