Младост се израдува на триумф во дербито, Драчево падна во Богданци

Тимот на Младост Богданци со победа го отвори прволигашкиот плеј-оф и славеше против незгодниот состав на Драчево со 31-26. Дерби натпреварот на кој имаше 15 исклучувања, седум за домашните и осум за гостинските ракометари, беше решен на стартот на второто полувреме, кога Младост со серија од четири гола, стигна до предност, која се покажа недостижна за Драчево.

Гостите отворија со водство од 7-1 по десетина минути игра, но богданчани не помислија да се предадат по таквата негатива. Заиграа подобра одбрана, па драчевци до крајот на првиот дел постигнаа само четири погодоци.

За тоа време Младост ја топеше гостинската предност. Погодуваа Чрчев, Пеев, Ѓуриќ…Николоски беше сигурен пеналџија и на пауза се замина со реми, 11-11.

Панов беше одличен на голот, а на стартот на второто полувреме Младост направи серија од четири гола без одговор од ривалот и веќе беше 15-11. До крајот на натпреварот Драчево успеа на два пати да намали на минус три, но немаше решение за расположените домаќини.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Николоски со седум, како и Чрчев, Каркалашев и Ѓуриќ со по пет погодоци. Во составот на Драчево се истакна Дабески со седум гола.