Миркуловски ќе комплетира деценија во Вецлар!

Македонската легенда Филип Миркуловски, ќе продолжи и понатаму да биде дел од стручниот штаб на Вецлар.

Бундеслигашот објави дека е продолжена соработката со Миркуловски и тој ќе му биде асистент на тренерот Франк Карстенс и во наредната сезона.

Македонецот е дел од Вецлар од 2015 година, кога дојде од Хановер, а играчката кариера ја заврши во 2022 година. Од 2020 година беше дел од стручниот штаб, а на неколку меча го водеше тимот и како прв тренер.

Претходно соработуваше и со Хрвоје Хорват на клупата на бундеслигашот, а потоа и со Јасмин Чамџиќ.

„Се чувствувам одлично во Вецлар и затоа сум тука веќе девет години. Одлично е да се работи со Франк, имаме јасен договор. Јас се фокусирам повеќе на нападот и задоволен сум што се подобривме во овој сегмент сезонава“, изјави Миркуловски.

Миркуловски беше дел и од стручниот штаб на машката сениорска репрезентација на Македонија, но клупските обврски беа пречка тој ангажман да не трае долго.