Металург РА го грабна целиот плен во Гостивар

Ракометарите на Металург РА забележаа триумф на незгодното гостување кај Јехона во Гостивар со 34-26. Металург РА отвори со предност од 4-1, но Јехона се врати во игра и одржуваше рамнотежа до средината на полувремето.

Сепак по 10-8 за гостите од Автокоманда, тие постигнаа уште четири гола во серија, па до паузата останаа таа позитива, 17-11.

Металург РА на стартот на вториот дел остана без Кочов, кој доби црвен картон за еден опасен старт, но тоа не беше голема пречка.

Гостинските ракометари умешно го контролираа резултат, дополнително ја зголемија предноста и имаа мирен финиш за три бода во Гостивар.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Крстаноски со седум и Крстески со шест гола, додека кај Јехона се истакнаа Салиу со осум, како и Наумовски и Тасески со по пет погодоци.

Металург РА сега се искачи на третото место со седум бодови, додека Јехона остана шеста со четири бода. Во следното коло тимот од Автокоманда ќе игра дома со Шампион, а Јехона ќе гостува кај Младост Богданци.