Манасков: Одиме без респект против ПСЖ, нема лесно да ја „продадеме кожата“

По триумфот над Вардар, ракометарите на Еурофарм Пелистер немаат многу време за славење бидејќи ги очекува мечот со ПСЖ во Лигата на шампионите.

Новото засилување, Дејан Манасков, се подготвува за деби пред битолската публика во елитното натпреварување.

„Помина доста време откако не сум на терените и едвај чекам да започне натпреварот утре против ПСЖ. Мотивиран сум, за тоа не треба да се разговара. Чест ми е што по една година пауза повторно ќе настапувам во Лигата на шампионите. Доволно сме спремни и имаме добар моментум по последната победа против Вардар и очекувам добар натпревар“, вели Манасков.

Левото крило добро го познава ривалот и неговиот тренер.

„ПСЖ е во ТОП 5 екипи во Европа. Имаат изграден систем, кој неколку години е истиот. Јас и останатите доволно знаеме каков стил негува Раул. Им ја препуштаме фаворитската улога, но нема лесно да ја продадеме кожата. Ќе дадеме се од нас пред нашата публика и имаме добри шанси да изненадиме некој на преостанатите натпревари. Тие се малку уморни по Европското првенство и свежината ќе биде на наша страна. Тоа што беше лошо против Вардар ќе го корегираме и в среда ќе бидеме подготвени. Ги знаеме ракометарите на ПСЖ и медалите што ги освоиле. Но, на теренот победува тој кој повеќе ја посакува победата. Одиме без респект и зошто да не се надеваме, треба да веруваме во нас, во тоа што го работиме и имаме реални шанси за изненадување“, вели Манасков.

Тој не беше во ростерот на битолчани за дуелот со Вардар.

„Пред ТВ е полесно, но секогаш е најтешко на трибини да гледаш, а знаеш дека не можеш да им помогнеш на своите колеги. Некогаш и емоциите те понесуваат, сакаш да скокнеш в терен во некои моменти. Атмосферата беше прекрасна, одигравме одличен натпревар и тој почетен притисок го отргнавме од нас. Продолжуваме растоварени. Во Лигата на шампионите го немаме тој притисок и се надевам дека некого ќе изненадиме. А во македонското првенство одиме понатаму до зацртаните цели“, заврши Манасков.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.