Македонија на 3 април може да слави пласман на ЕП

Женската репрезентација на Македонија ја очекуваат последните две средби од квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Македонија ќе се соочи со Азербејџан на гостински терен и со Литванија на домашен терен, а со наш триумф во Баку и пораз на Литванија од Шпанија, нашите ракометарки ќе го слават пласманот на ЕП.

Европската ракометна федерација веќе ги потврди термините за двете средби. Дуелот против Азербејџан во Баку ќе се игра на 3 април од 14:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 7 април од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Македонија има четири бода на второто место, Шпанија со осум е прва и веќе го потврди местото на континенталниот собир.

Ова ќе биде првпат по 12 години преку квалификации, женската репрезентација на Македонија да обезбеди настап на големо натпреварување.