Машката репрезентација на Македонија оствари лесна победа на гости кај Естонија со 36-17 и се најде чекор поблиску до пласман на ЕП 2026. За нашите момци ќе биде потребно да ја совладаат Литванија со најмалку три гола за да го освојат второто место, а победа со еден или два гола, ќе ни го донесе третото место па ќе мора да се пребројуваме со бодови и гол-разлика со останатите третопласирани селекции.
Избраниците на Кирил Лазаров отворија со предност со 2-0, а потоа домашните намалија на 3-2. Следуваше клучниот период на мечот. Естонците почнаа да промашуваат, Митревски фати две топки, па Македонија отиде на плус пет, 7-2.
Естонскиот селектор Нодла мораше да вика тајм-аут по десетина минути, но неговите момци и натаму не можеа да погодат. Македонија ја задржа домашната селекција на девет минути без гол и отиде на највисоки плус шест, 8-2.
Потоа се беше полесно, Лазаров почна со ротацијата на ракометарите, Ивановски одлично ги разигруваше соиграчите, па Македонија имаше и десет гола предност. На пауза се замина со 19-10.
Вториот дел беше само формалност. Томовски застана на голот, Македонија во повеќе наврати имаше и „дупло“ водство, а домашните не можеа да погодат ниту со двајца играчи повеќе во еден момент. Кога Естонците доаѓаа до позиција за шут, Томовски бранеше, а во еден момент беше и на високи 73% успешност на одбранети удари.
Немаше дилеми околу победникот и само се зголемуваше разликата во корист на Македонија, а ваквата висока победа ќе им даде уште поголема самодоверба на ракометарите пред клучната битка за пласман на ЕП 2026. Меѓу стрелците во нашата селекција се истакнаа Кузмановски со шест и Серафимов со пет гола, додека Лазаревски стрелаше четири пати. Митревски во првиот дел запиша седум одбрани, додека Томовски ја „спушти ролетната“ во вториот дел одбрани 13 од 19 шута (69% на успешност). Дебитантот Ивановски постигна два гола, а Митев имаше исто толку реализации.
Последниот решавачки натпревар за Македонија против Литванија ќе се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.