Амбициозниот Тиквеш славеше против Струга со 32-25 во првото коло од суперлигашкиот плеј-оф.
Меѓу најдобрите поединци беше левото крило Мирко Мајиќ, кој постигна пет погодоци во гостинската мрежа.
„Гостинските ракометари парираа, но мислам дека ние го почнавме натпреварот во грч. Сепак како одминуваше времето, така игравме подобро, бидејќи ни требаше време да го „наместиме“ фокусот. Клучно за победата беше добрата одбрана во второто полувреме и добрата транзиција во нападот, па тука се прекрши натпреварот“, вели Мајиќ.
Новиот тренер Раде Стојановиќ дебитираше со победа, а Црногорецот смета дека од натпревар во натпревар Тиквеш ќе биде уште подобар.
„Мене ми се допаѓа системот кој го имаме со новиот тренер и сметам дека од натпревар во натпревар ќе покажуваме се поквалитетен ракомет. Екипата добро се вклопува и ќе бидеме се подобри и подобри на натпревари кои ни следуваат во суперлигашкиот плеј-оф“, заврши Мајиќ.
Во следното коло кавадарчани ќе му гостуваат на вицепрвакот во Автокоманда.
Стојановиќ дебитираше со победа, Тиквеш одработи рутински против Струга