Еден од најголемите имиња во светскиот ракомет, легендарниот шведски стручњак и поранешен репрезентативец Магнус Андерсон, е именуван за нов селектор на машката репрезентација на Норвешка.
Андерсон ќе ја преземе функцијата на 1 август 2026 година и потпиша договор до летото 2030 година. Негов прв асистент ќе биде Данецот Хенрик Кронборг, долгогодишен член на стручниот штаб на данската репрезентација и еден од креаторите на најуспешната генерација во историјата на данскиот ракомет.
Шеесетгодишниот Швеѓанец доаѓа на местото на Јонас Виле, чиј договор не беше продолжен по разочарувачкото 9 место на Европското првенство 2026.
Како играч, Андерсон беше еден од симболите на славната генерација на Шведска, но и како тренер зад себе има богата кариера. По работата во Дрот, Копенхаген и репрезентацијата на Австрија, го предводеше германскиот Гепинген до две последователни титули во ЕХФ Купот (2016 и 2017). Потоа се пресели во Португалија, каде со Порто освои четири шампионски титули и два национални купа, претворајќи го клубот во доминантна сила во португалскиот ракомет.
„Многу сум горд и среќен што ја добив оваа можност. Добриот ракомет значи победи, но истовремено сакам креативен и атрактивен стил на игра. Сепак, без цврста одбрана, добри голмани и контранапади, ниту најубавиот напад не е доволен“, изјави Андерсон.
Норвешката федерација верува дека тандемот Андерсон-Кронборг е вистинскиот избор за враќање на селекцијата во светскиот врв. Новиот стручен штаб првпат ќе се собере со репрезентативците во ноември, кога Норвешка ќе ги игра квалификациските натпревари против Грузија и Турција за ЕП 2028 пред настапот на СП 2027.
























