Лазаревски: Можеме многу подобро против силни селекции

Македонија со пораз од европскиот шампион Франција го заврши настапот на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.

Кружниот напаѓач Милан Лазаревски вели дека резултатот на последната пресметка е подобар од играта што беше прикажана.

„Не би се согласил дека ова е достоен пораз од Франција и покрај тоа што противникот претендира на подиумот на секое првенство. Сметам дека ние не бевме на своето ниво, иако е неспорен квалитетот на Франција. Не се покажавме во најдобро светло и покрај позитивните елементи, едноставно не испочитувавме некои инструкции што ни беа дадени. Јас ќе се ставам на прво место, не бев целосно на натпреварот. Но имаме добри работи од натпреварот, факт е дека можеме да се покажеме и во многу подобро издание. Во овој случај, резултатот е подобар од играта што ја прикажавме. Сметам дека можеме многу подобро против вакви селекции и да извлечеме поука“, изјави Лазаревски.

Следен предизвик за националниот тим ќе биде двомечот против Словенија од квалификациите за ЕП 2026 година.