Кузмановски: Сите треба да очекуваат две убедливи победи против Естонија и Литванија

Maшката репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за последните две средби од квалификациите за ЕП 2026 против Естонија и Литванија.

Капитенот Филип Кузмановски, вели дека не смее да се потцени ниту еден ривал, но очекува две убедливи победи.

„Среќен сум што пак се собравме. Не треба никого да го потцениме. Знаеме како игравме на претходните две средби со Литванија на гости и со Естонија на домашен терен. Сите играчи сме во форма, иако имаме доста повредени играчи кои ќе ни фалат, но сите кои што сме тука ќе го дадеме максимумот. Ќе се спремиме максимално и сите треба да очекуваме две убедливи победи со Естонија и Литванија“, вели Кузмановски.

Тој се потсети на првиот меч со Естонија.

„На првиот меч со Естонците имаше многу голови. Пристапот ни беше малку лош, но потоа се подобривме. Мора сите сериозно да ги сфатиме противниците. Поквалитетни сме, тоа го покажавме и го покажуваме, а очекуваме поддршка и се надевам ќе се радуваме заедно со навивачите на нов пласман на ЕП“, продолжи Кузмановски.

Левиот бек смета дека сите репрезентативци се во форма во финишот на сезоната.

„Се наоѓаме во финишот на сезоната кој е најважен дел, сите играчи се во форма. Тука сме моментално најдобрите и селекторот го знае изборот. Ќе одиграме најдобро, целта ни е пласман на ЕП“, заврши Кузмановски.

Наптреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај од 18:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.

Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место. Во секоја друга комбинација, ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи.