Тимот на Охрид по успешно завршената работа во Купот на Македонија, им се враќа на обврските во плеј-офот од Супер лигата и ќе го пречека составот на Бутел Скопје.
Левиот бек Дејан Кукуловски вели дека одлично ја познава противничката екипа и вели дека мора да се сведат техничките грешки на минимум за да се надеваат на победа против незгодниот ривал.
„Добро ја познаваме екипата на Бутел Скопје, имаме играно повеќе пати и сите знаеме за каква екипа се работи. Тоа е млад тим со многу перспективни играчи, кои сакаат да се докажуваат, сакаат многу да трчаат, имаат добри индивидуалци еден на еден, но и добри шутери. Имаат добар голман, шутер на лев бек, но и средниот и десниот бек кои многу добро играат еден на еден, па опасноста кон нашиот гол доаѓа од секаде. Мора да играме агресивна одбрана, со многу контакт, а ние да ги сведиме техничките грешки на минимум. Ние сме фаворити, но ќе се обидеме на терен да ја оправдаме таа улога, ќе дадеме се од себе, имаме доволно време за подготовка и нормално очекувам победа“, вели Кукуловски.
Натпреварот меѓу Охрид и Бутел Скопје се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19:00 часот на 2 мај.