Костадиновски блесна на голот, Радовиш запиша трета победа во серија

Екипата на Радовиш ја запиша третата победа во прволигашката конкуренција, откако славеше на домашен терен против составот на Кичево со убедливи 39-25.

Предводен од голманот Костадиновски и искусното лево крило Стојановски, домашниот тим трите бода ги обезбеди уште во раната фаза од мечот кога поведе со 8-1.

До крајот на полувремето предноста растеше до десет гола, 19-9, а вториот дел беше само формалност, па тренерот Мијалов им даде шанса на сите ракометари од клупата.

Кај Радовиш најдобри стрелци беа Стојановски со девет, како и Јованов со седум погодоци, додека голманот Костадиновски запиша 18 интервенции.

Во тимот на Кичево, кој и овојпат сметаше само на десет ракометари, се истакна Стефан Стефаноски со осум погодоци.

Во следното коло Радовиш ќе гостува кај Македонија Ѓорче Петров, додека Кичево игра на домашен терен со Партизан Гевгелија.