Кос и Кларица едногласни: Ќе биде тешко во Битола, Еурофарм Пелистер никогаш не се предава

Ракометарите на Еурофарм Пелистер в четврток ги очекува последниот натпревар за оваа година во Лигата на шампионите.

Во Битола ќе гостува хрватскиот првак Загреб, кој ќе биде предводен од Андрија Николиќ во отсуство на првиот стратег Ненад Шоштариќ, кој има проблеми со грбот.

Левиот бек на Загреб, Милош Кос за „Спортске Новости“, вели дека ќе биде тешко во Битола, но се надева на освојување на бодовите.

„Мислам дека ова ќе биде најтешкиот натпревар во овој дел од сезоната. Еурофарм Пелистер е добра екипа и нема што да загуби, а на нас бодовите ни се исклучително важни. Ќе биде еден цврст натпревар. Секој тим во Лигата на шампионите е одличен, но и покрај нивните навивачи кои создаваат пеколна атмосфера, ние одиме на победа. Ние веруваме во тоа, особено ако ја повториме играта од последните натпревари, а пред се нашата одлична игра во одбраната“, изјави Кос.

Десниот бек Лука Кларица исто така очекува тежок натпревар со избраниците на Ангеловски.

,,Ни претстои тешко гостување, сите имаа проблеми во Битола. Еурофарм Пелистер никогаш не се предава, дури и кога заостанува на пет-шест гола. Загубија само со еден разлика од Сегед, на нивен терен Кил и Келце многу тешко дојдоа до победа. Мора максимално и сериозно да влеземе на натпреварот, кој може да ни донесе многу, ни требаат бодови и се надеваме дека ќе ја продолжиме оваа позитивна серија“, изјави Кларица.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб се игра во салата „Боро Чурлевски“ в четврток со почеток во 18:45 часот.

„Еурофарм Пелистер е опасен кога игра дома, во Битола е бучно и студено“