„Еурофарм Пелистер е опасен кога игра дома, во Битола е бучно и студено“

Ракометарите на Еурофарм Пелистер в четврток ги очекува последниот натпревар за оваа година во Лигата на шампионите.

Во Битола ќе гостува хрватскиот првак Загреб, кој ќе биде предводен од Андрија Николиќ во отсуство на првиот стратег Ненад Шоштариќ, кој има проблеми со грбот.

Николиќ за „Спортске Новости“, вели дека бодовите од Битола се многу важни.

„Тие се последни на табелата и немаат освоено ниту еден бод, но тоа не го опишува нивниот квалитет. Еурофарм Пелистер е опасен тим, особено кога игра дома. Никој не победил лесно во Битола, секој натпревар бил многу неизвесен. Очекувам навистина тежок натпревар, и поради квалитетот на противникот и поради домашните навивачи, пред кои секогаш е тешко да се игра. Ќе се подготвиме што е можно подобро и веруваме во бодовите кои ни се многу важни, бидејќи ќе ни помогнат на нашиот пат до следната фаза. Го сменија тренерот, но играта главно остана иста. Разликата е во Кузмановски, кого го доведоа и кој е многу важен во нивната игра, им дава ритам. Имаат добри голмани, многу добар пивот. Мораме да го сопреме нивниот контранапад и се надевам дека ќе се прилагодиме на сите услови. Таму е бучно, но и студено. Ќе ни треба смиреност на тој натпревар. Но, веруваме во себе“, рече Николиќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб се игра во салата „Боро Чурлевски“ в четврток со почеток во 18:45 часот.