Ракометарката на Ѓорче Петров, Ана Марија Коларовска, моментално, е предводник на стрелците во Европскиот Куп.
Коларовска на четири одиграни натпревари постигна вкупно 35 погодоци од 50 обиди и беше една од најзаслужните за пласманот на македонскиот шампион во осминафиналето.
21-годишната ракометарка на реванш дуелот против Ојпен од третата рунда одигра во одлично светло и зад своето име запиша 11 погодоци.
На првиот дуел против Ојпен постигна еден помалку, односно десет, додека на двата дуели против Тиват реализираше вкупно 14 и со ефикасност од дури 70% го држи лидерското место по завршувањето на натпреварите од третата рунда.
Меѓу најдобрите десет стрелци се наоѓа и младата Емилијана Ризоска, која со 29 погодоци ја дели 6. позиција заедно со членката на Истогу, Марија Радовиќ.
На 11. позиција со 24 погодоци се најде левиот бек на Ѓорче Петров, Ангела Јанкуловска. Битолчанката со Џејлан Ајдемир од Коњалти ја делат споменатата позиција.
Во најдобрите 20 стрелци во Европскиот Куп се и некогашната ракометарка на Кометал ЃП, Јелиз Озел и екс репрезентативката на Македонија, Драгица Митрова.